На 10.05.2025 (недела), во периодот од 08:00 до 11:30 часот, во организација на Сојузот на спортови на Скопје ќе се одржи улична трка на 10 километри, поради што ќе има посебен режим на сообраќај на повеќе улици и булевари во главниот град.
Стартот на трката е пред фонтаната „Лотос“ на булеварот „Илинден“, а трасата ќе се движи по бул. „Илинден“ до крстосницата со ул. „Никола Парапунов“, потоа по ул. „Никола Парапунов“ до бул. „Партизански Одреди“, каде натпреварувачите ќе продолжат десно до мостот „Влајко“.
Кај мостот ќе се врти полукружно и тркачите ќе се враќаат назад по истиот коловоз до крстосницата со ул. „Љубљанска“, каде повторно ќе свртат полукружно и ќе продолжат назад кон целта пред фонтаната „Лотос“ на бул. „Илинден“.
Од МВР информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на движење, а сообраќајот ќе биде пренасочуван по околните улици.
Полицијата апелира до граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници за време на одржувањето на настанот.









