Македонската научничка Светлана Мојсов конечно доби меѓународно признание за својот клучен придонес во откритието што го отвори патот за развојот на современите лекови за дијабетес и дебелина, меѓу кои се и Оземпик, Виктоза и Вегови.
Родена во Скопје, Мојсов дипломирала хемија на Универзитетот во Белград, а својата научна кариера ја продолжила на престижниот Универзитет Рокфелер во САД. Токму таму нејзините истражувања довеле до идентификација на хормонот GLP-1 и откритието дека тој го стимулира лачењето на инсулин – сознание врз кое подоцна беа развиени револуционерните терапии што денес им помагаат на милиони пациенти ширум светот.
Иако со години нејзиниот придонес бил во сенка, научната јавност конечно ја исправи неправдата. Светлана Мојсов е добитничка на престижната награда „Перл Мастер Грингард“ за 2024 година, признание што Универзитетот Рокфелер им го доделува на истакнати жени научници за исклучителен придонес во науката.
Комисијата ја истакна нејзината научна визија, оригиналната хипотеза за улогата на GLP-1 и истрајноста со која ги потврдила своите откритија.
Како дополнителен гест, Мојсов најави дека паричниот дел од наградата, во износ од 100.000 долари, ќе го донира за поддршка на жените во науката, со цел да им помогне на идните генерации истражувачи.








