ПРВ.мк
Македонија

Големи промени за сопствениците на оружје – усвоен новиот закон во Македонија

Големи промени за сопствениците на оружје – усвоен новиот закон во Македонија

Собранието го усвои новиот Закон за оружје, со кој се воведуваат низа измени насочени кон поедноставување на постапките, поголема безбедност и проширување на електронските услуги за граѓаните.

Со новите законски решенија ќе биде овозможено со едно барање да се поднесе барање за набавка на повеќе парчиња оружје, а истовремено се воведува ограничување на максималниот број оружја што може да ги поседува едно лице, со законски предвидени исклучоци.

Законот ги регулира и условите за полнење муниција, како и обврската оружјето да се чува во соодветен и безбеден простор. Дополнително, се прошируваат можностите за сокорисничко право.

Една од поважните измени се однесува на наследеното оружје. Рокот за поднесување барање за набавка по основ на наследство се продолжува од два на четири месеци.

Законот предвидува и преоден рок од една година за сите граѓани кои претходно го пропуштиле рокот за пријавување оружје по основ на наследство, како и за оние што сакаат да извршат легализација, пререгистрација или доброволно да го предадат оружјето.

Воедно, ќе бидат достапни и нови електронски услуги, со што дел од административните постапки ќе можат да се завршуваат побрзо и поедноставно.