Двајца мажи се уапсени по инцидент што се случил во угостителски објект на подрачјето на скопската општина Аеродром, каде, според пријавата, физички нападнале пејачка и упатувале закани.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 09.04.2026 во 02:13 часот во СВР Скопје било пријавено нарушување на јавниот ред и мир од страна на две лица.
По пријавата, полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот, при што било утврдено дека осомничените ја спречувале пејачката да ја извршува својата работа. Според информациите, едниот од нив дури се претставувал како полициски службеник и физички ја нападнал.
Во инцидентот биле упатени закани и кон пријавителот.
Полицијата ги привела осомничените – Љ.А. (35) и Н.Д. (40), двајцата од Скопје, и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.










