Главниот град е на чекор поблиску до својата прва подземна сообраќајница откако денеска официјално започна изградбата на првата фаза од булеварот „Македонија“. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски го означи стартот на градежните активности кај хотел „Лимак“ во централното градско подрачје, потенцирајќи дека ова е почеток на комплексен капитален проект кој ќе се реализира во вкупно пет фази.
„Ова е првата фаза од вкупно пет фази, преку кои овој комплексен капитален зафат конечно ќе биде реализиран. Иако третата фаза, подземната сообраќајница, е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази, од кои првата почнува токму денеска“, изјави Ѓорѓиевски.
Што опфаќа првата фаза Во рамки на оваа прва фаза ќе се изврши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти, со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот.
Проектот опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до влезот во „Борис Трајковски“, каде што тој се вклинува во постоечкиот профил и продолжува кон втората фаза.
На улицата „Пролет“ ќе се изврши проширување кон полициската станица до „Тутунскиот комбинат“ со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три острови во форма на солза, за подобрување на безбедноста и проточноста на сообраќајот.
Од улицата „Пролет“ кон хотел „Лимак“ и кон булеварот „Борис Трајковски“ ќе биде воведен еднонасочен сообраќај, што ќе овозможи поефикасно движење на возилата.
Следни фази и подземната сообраќајница Во наредните фази на проектот се предвидува изградба на кружен тек кај поранешната зграда на „Нова Македонија“, како и два други кружни текови меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“. Исто така, ќе се прошири булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
Подземната сообраќајница ќе има шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на сообраќајниот метеж и побрзо движење низ центарот на градот.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека проектот е значаен чекор во развојот на Скопје и ќе отвори ново поглавје во урбаната инфраструктура на главниот град, овозможувајќи современ и функционален сообраќаен систем за жителите и посетителите.

















