Полициски службеници од СВР Скопје денеска (1 февруари 2026 година) го лишиле од слобода 50-годишниот М.М. од Скопје, по тешка сообраќајна несреќа што се случила на булеварот „Гоце Делчев“, а во која биле повредени две лица.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, околу 16:15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на наведениот булевар се случила сообраќајна незгода во која учествувале три патнички возила. Во несреќата биле вклучени возило „сеат ибица“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.М. (50), возило „тојота“ управувано од А.Г. (25) и возило „мерцедес“ управувано од М.В. (32), и двата со скопски регистарски таблички.
Како последица на судирот, повреди здобиле возачот на „тојотата“, А.Г., како и неговата сопатничка Л.Г., по што им била укажана медицинска помош.
По преземените службени мерки и извршеното алкотестирање, било утврдено дека М.М. го управувал возилото под силно дејство на алкохол. Кај него биле измерени дури 2,32 промили алкохол во крвта, што претставува сериозно загрозување на безбедноста во сообраќајот.
За настанот веднаш бил известен надлежен јавен обвинител, а возачот бил лишен од слобода. По целосно документирање на случајот, против М.М. ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик, за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.

















