Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информираше граѓаните за правилата што важат за користење на јавниот превоз во ноќните часови, како и за измена што стапува на сила од почетокот на февруари.
Од ЈСП потсетуваат дека, согласно Одлуката за Интегриран тарифен систем во линискиот превоз на патници на територијата на град Скопје од 2015 година (член 10, алинеја 1), билетите за бесплатно користење на јавен превоз, како и месечните, тримесечните, шестмесечните и годишните билети, важат за сите градски и приградски линии во периодот од 05:00 до 24:00 часот.
Во објавата на социјалните мрежи, од ЈСП Скопје потенцираат дека овие билети не важат за користење на ноќните линии, кои сообраќаат од полноќ до раните утрински часови.
Дополнително, од претпријатието најавија значајна промена во начинот на плаќање. Почнувајќи од 31 јануари 2026 година на полноќ, односно од 1 февруари 2026 година (недела), нема да биде во функција плаќањето на билет за едно возење преку СМС порака на бројот 185 за користење на ноќните линии.
Користењето на јавниот превоз во ноќниот период од 00:00 до 05:00 часот ќе биде можно исклучиво со валидирање или купување на ноќен билет за едно возење, кој чини 50 денари. Билетот може да се набави директно во возилото кај возачот или преку електронски паричник со валидирање на уредот во автобусите.
Од ЈСП апелираат патниците навреме да се информираат и да ги почитуваат правилата, со цел непречено користење на ноќниот јавен превоз во Скопје.

















