Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Центарот за социјални работи Охрид и Министерството за внатрешни работи, спроведоа инспекциски надзор по вознемирувачкото видео кое се појави на социјалните мрежи, а на кое, според прикажаното, дете измачува куче, додека видеото било објавено од страна на родител.
По објавувањето на видеото, до Агенцијата за храна и ветеринарство во текот на вчерашниот ден биле доставени повеќе иницијативи и пријави од загрижени граѓани, со барање за итно спроведување вонреден инспекциски надзор. Од АХВ информираат дека по добиените пријави веднаш било постапено и бил извршен увид на терен.
Со спроведениот инспекциски надзор било утврдено дека кучето не било идентификувано со микрочип и дека не било вакцинирано, што е спротивно на законските прописи. Поради утврдените неправилности, на сопственикот ќе му биде изречена соодветна парична казна.
Дополнително, како инспекциска мерка поради сериозно нарушена благосостојба на животното, малтретираното куче е одземено од сопственикот.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство истакнуваат дека ваквото постапување е во согласност со законските надлежности и дека заштитата на животните и нивната благосостојба останува приоритет, особено во случаи на насилство и злоупотреба.

















