Новак Ѓоковиќ, по пауза од три години, ќе игра во финалето на Отвореното првенство на Австралија и ќе се обиде да стигне до својот 11. трофеј на првиот гренд-слем турнир во годината, откако во драматичен меч го совлада Јаник Синер со 3-2 во сетови.
Полуфиналниот дуел траеше повеќе од четири часа, а Србинот покажа дека и покрај годините сè уште може да игра на врвно ниво и да им парира на младите ѕвезди во светскиот тенис.
За Ѓоковиќ ова е прва победа над Синер по седум порази во низа, односно по повеќе од две години.
Мечот започна лошо за Ѓоковиќ, кој го загуби првиот сет со 6-3, откако Синер поведе со 2-0 и ја задржа предноста до крајот. Слично сценарио имаше и во вториот сет, но овојпат во корист на Србинот – Ѓоковиќ возврати со 6-3 и израмни на 1-1 во сетови, по брејкот во четвртиот гејм.
Во третиот сет Синер повторно дојде до водство, освојувајќи го со 6-4 со брејк во последниот, десетти гејм. Ѓоковиќ одговори во четвртиот сет, кој го доби со идентични 6-4, но со брејк уште во првиот гејм.
Во одлучувачкиот сет, Ѓоковиќ направи клучен брејк во седмиот гејм. Синер имаше можност веднаш да возврати, со 40-0 на сервис на Србинот, но Ѓоковиќ успеа да се извлече и да го задржи сервисот.
Во последниот гејм, Ѓоковиќ не ги искористи првите две меч-топки, но од третиот обид ја запечати победата и обезбеди пласман во финалето, каде што за противник ќе го има Карлос Алкарас.
















