Министерството за спорт и ССФМ ги доделија наградите „Спортист на годината 2025“ – Највисоките признанија за Ален Рустемовски и Катерина Попева
Боксерот Ален Рустемовски и бодибилдерката Катерина Попева ги понесоа највисоките признанија – најдобар спортист и спортистка за 2025 на традиционалната манифестација „Спортист на годината“ што се одржа во организација на Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија. Покрај бројни спортисти, спортски легенди и претставници на националните спортски федерации, на оваа голема спортска манифестација присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ресорни министри и претставници на локалната самоуправа.
Сребрениот медал и европската вицешампионска титула од ЕП У23 во Ереван, Еременија на талентираниот македонски боксер Ален Рустемовски му донесоа заслужено признание – спортист на годината, според гласовите од националните спортски федерации и од медиумите. Во оваа категорија, покрај Рустемовски, за спортист на годината беа номинирани и Енис Барди (фудбал), Стефан Михајловски (кикбокс и маитаи), Андреас Трајковски (атлетика) и Владимир Егоров (борење).
Победничката во женска конкуренција, Катерина Попева изминатата година ја одбележа со титула светска шампионка на СП во фитнес и бодибилдинг што се одржа во Санта Сусана, Шпанија. Во конкуренција за најдобра македонска спортистка за 2025 година беа и Ангела Мојсовска (карате), Александра Марковска (фудбал), Катерина Ацевска (џиу џица) и Сашка Колеска (спортски танци).
Министерот за спорт, Борко Ристовски упати честитки за добитниците и за сите номинирани спортисти со порака да продолжат да се борат, никогаш да не се откажуваат и да веруваат во себе затоа што тоа е единствениот пат до успехот.
- Она што го води спортот е упорноста, дисциплината и љубовта кон спортот и затоа од тука можам да ветам дека сите пречки, без разлика на нивната големина, ќе бидат совладани и спортот ќе го поставиме на вистинските патеки. Благодарен сум што во овие неполни две години, зад успесите и развојот стои поддршката која ја обезбедуваме преку програмите и проектите на Владата и на Министерството за спорт. Продолжуваме да работиме на унапредување на спортската инфраструктура, на давањето повеќе можности, поддршка за врвниот спорт, за најуспешните македонски спортисти и за македонскиот спорт во целина – рече Ристовски.
Добитници по категории:
Спортист на годината: Ален Рустемовски (бокс)
Спортистка на годината: Катерина Попева (боди билдинг и фитнес)
Најуспешен млад спортист: Адријан Рустемовски (бокс)
Најуспешна млада спортистка: Даниела Алексовска (бразилска џиу џица)
Најуспешен женски национален тим: Ракометна репрезентација на Македонија - сениорки
Најуспешен машки национален тим: Одбојкарска репрезентација на Македонија - сениори
Најуспешен тренер/селектор: Могамед Ибрагимов (борење)
Најуспешна национална спортска федерација: Џудо федерација на Македонија
Најуспешен спортист со инвалидитет: Андреј Стојановски (пливање)
Најуспешна спортска екипа од Универзитетите: Машки тим во мал фудбал на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје
Најуспешен училишен спортски клуб од средните училишта: СУГС „Никола Карев“ - Скопје
Најуспешен училишен спортски клуб од основните училишта: ООУ „Никола Карев“ - Кочани
На годинашното издание на изборот „Спортист на годината 2025“ беше доделена и плакета за постигнати резултати на талентиран млад спортист. Добитник на ова признание е младиот пливач Петар Цеков.
Традиционалната спортска манифестација „Спортист на годината“ годинава го бележи 71-то издание.

















