Објектот што денеска се урна во самиот центар на Битола, во близина на зградата „ЈАТ“, припаѓал на познати битолски бизнисмени кои со години се активни во угостителскиот сектор. Информацијата ја потврдуваат извори блиски до случајот, а деталите за инцидентот дополнително ја вознемирија јавноста.
Рушењето на значителен дел од куќата се случило по 14 часот, при што биле оштетени неколку возила паркирани во непосредна близина. За среќа, според првичните информации, нема повредени лица, но материјалната штета е очигледна.
Правниот застапник на сопствениците, адвокатот Вања Атанасов, изјави дека објектот бил во приватна сопственост и одамна се наоѓал во лоша градежна состојба. Како што посочи, сопствениците поставиле јасно предупредување на самиот ѕид од куќата, со кое се укажувало на опасност од одрони и забрана за паркирање во тој дел.
Во моментов, на местото на настанот се наоѓа стручно лице кое врши детален увид со цел да се утврдат точните причини за рушењето. Ќе се испитува дали станува збор исклучиво за дотраеност на објектот или пак има и други фактори што влијаеле врз нарушувањето на неговата стабилност.
Адвокатот Атанасов доставил и фотографии од куќата направени пред инцидентот, кои, според него, јасно ја покажуваат лошата состојба во која се наоѓал објектот. Случајот дополнително ќе се расчистува во наредните денови.

















