Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, најави ново правило според кое секој нов проект за изградба ќе придонесува кон зголемување на зеленилото во општината.
Според новата регулатива, за секои 10 м² новоградба, на јавните површини ќе мора да се засади по една садница дрво. „Секоја нова градба ќе носи дел од природата назад во нашиот град“, истакна Митески, нагласувајќи дека новиот мандат започнува со фокус на повеќе зеленило и грижа за иднината.
Како дел од „зелената офанзива“, денес беа засадени висококвалитетни садници јавор и јасен покрај булевар „Јане Сандански“, кај игралиштето „Калистеника“. Градоначалникот порача: „Таму каде што порано имаше бетон, од денес расте нов живот. Аеродром станува позелен, чекор по чекор, садник по садник.“
















