На денешниот марш во Скопје, Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на трагично загинатиот пејач Андреј Ѓорѓиески од групата ДНК, упати силен и потресен апел до пратениците во Собранието. Во име на сите семејства погодени од пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, таа побара институциите да ја отворат вратата кон вистината и да се спроведе целосно истражување на трагедијата.
Ѓорѓиеска ги повика пратениците да иницираат надзорна расправа и да формираат посебна анкетна комисија, која ќе ја испита трагедијата од самиот почеток на пожарот, како и сите дејствија и недејствија на институциите. „Бараме да се утврди зошто институциите задоцнија. Никој не треба да живее со мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил,“ истакна таа.
Во својот говор пред законодавниот дом, Наталија нагласи дека досегашното истражување оставило многу отворени прашања и нерасчистени моменти. „Останавме со сомнеж дека вистината е сокриена,“ рече таа, истакнувајќи дека трагедијата е директна повреда на основните човекови права – правото на живот, на безбедност и на навремена и ефикасна реакција на институциите.
Анкетната комисија, според Ѓорѓиеска, е неопходна за утврдување на можната политичка или службена одговорност на сите нивоа и за предложување мерки кои ќе спречат повторување на слични трагедии. „Имаме право на вистина,“ заврши таа, пораката што одекна низ присутната толпа.
Маршот, кој започна од плоштад „Македонија“, застана пред Собранието и Кривичниот суд и доби масовна поддршка од граѓаните. Инаку, за четири дена започнува судскиот процес со првото рочиште, што дополнително ја нагласува итноста и значењето на барањата за вистина и одговорност.
















