Годинава главниот град повторно ќе блесне во новогодишно руво и ќе има организирана прослава, потврди градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на седницата на Советот на Град Скопје, на која се разгледуваше ребалансот на буџетот.
Во првичниот буџет за 2025 година не беа предвидени средства за украсување и новогодишни настани, бидејќи претходната градоначалничка Данела Арсовска воопшто не распишуваше тендери за китење. Скопје во минатите години се украсуваше само десетина дена пред празниците, а јавноста никогаш не доби јасен одговор како и од кого е изведено украсувањето, ниту кој го платил.
На седницата, советничката од СДСМ Кети Штерјова побара конкретни информации околу тоа од која ставка се обезбедени средствата за новогодишната прослава, и колку точно ќе чини организацијата.
Градоначалникот Ѓорѓиевски објасни дека во моментот нема прецизен податок од која програма се пренаменети средствата, но потврди дека износот за прославата ќе биде 70.000 евра, што според него е сосема оправдано за град со големина и значење какво што има Скопје.
Тој додаде дека за украсување ќе биде спроведена тендерска постапка, преку која ќе биде избрана фирма што ќе го изведува китењето.
На истата седница ребалансот на буџетот беше изгласан со еден глас „против“ и еден „воздржан“. Според Ѓорѓиевски, овој ребаланс претставува клучен чекор кон стабилизација на финансиската состојба на градот и неговите јавни претпријатија, со што ќе се овозможи редовна исплата на платите.
Со ребалансот буџетскиот дефицит се намалува за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции се зголемуваат за речиси 98,9 милиони денари. Градоначалникот најави почеток на реализација на ветените проекти меѓу кои паркот „Христијан Тодоровски – Карпош“ во Бутел и паркот Лепенец.
Дополнително, предвидени се средства за реконструкција на улицата Фрањо Клуз, кружниот тек во Ѓорче Петров, третата лента на булевар „Александар Македонски“, како и првата фаза на булевар Хрватска, булевар АСНОМ и клучката кај Момин Поток. Во буџетот се обезбедени и средства за експропријација, што ќе овозможи конечно отпочнување на големите булеварски решенија, меѓу кои и булеварот Борис Трајковски.
Ѓорѓиевски потсети дека вкупниот долг на Град Скопје и јавните претпријатија достигнува 300 милиони евра, што го прави ребалансот неопходен чекор за финансиско закрепнување на градот.
















