Платформата SkiMacedonia информираше дека на Водно е забележана мечка и упати предупредување до сите планинари и рекреативци кои се движат по планинските патеки да бидат особено внимателни.
Според објавата на нивните социјални мрежи, дивото животно било забележано по Нерези, во близина на Горно Крушопек.
Информацијата веќе е споделена и меѓу планинарските друштва, каде што е пријавено дека мечката се движи на рутата Јасен – Матка – Нерези.
Поради можната опасност, на посетителите на Водно им се препорачува да не се движат сами по планинските патеки, да избегнуваат навлегување во густо пошумени делови и да бидат внимателни доколку планираат рекреативни активности во овој регион.
Засега нема информации за каков било инцидент или непосредна опасност за граѓаните, но планинарите се повикуваат да ги следат известувањата од надлежните служби и планинарските организации.










