Тешка сообраќајна несреќа се случи вчера околу 18:40 часот на крстосницата меѓу булеварите „Србија“, „Јане Сандански“ и „Видое Смилевски – Бато“ во Скопје, во која учествувале четири возила.
Според МВР, во несреќата учествувале „БМВ“ управувано од О.К. (59) од Скопје, „Пежо“ со возач М.К. (32) од Скопје, „Цитроен“ управуван од И.С. (25) од селото Текија и „Опел“ со возач Д.Ј. (78) од Скопје.
Во судирот со тешки телесни повреди се здобила сопатничката во „Пежо“, Ј.Д. (31) од Скопје, додека возачот М.К. добил полесни повреди. Двете лица се пренесени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде им била укажана лекарска помош.
На местото на несреќата веднаш интервенирала увидна екипа на СВР Скопје, а полицијата работи на целосно документирање на случајот.