Инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство откриле сериозни неправилности во повеќе училишни и градински кујни низ земјава. Во само неколку дена биле спроведени 91 редовна и 23 вонредни контроли, а резултатите се загрижувачки – неколку кујни работеле во нехигиенски услови, а дел од персоналот немал извршени задолжителни здравствени прегледи.
Во две градинки хигиената била под секое ниво, додека во една не се почитувале здравствените протоколи за вработените. Три објекти добиле парични казни, а 24 килограми храна биле уништени поради несоодветно складирање и истечен рок.
Ситуацијата не била подобра ниту во училиштата – во една кујна е утврдена лоша состојба, а во други две било забележано протекување и небезбедни услови за работа. Дополнително, поради неточни декларации и сомнеж за небезбедна храна, уништени се уште 59 килограми прехранбени производи.
Агенцијата најави дека ќе продолжи со засилени контроли и дека сите установи кои не ги подобрат условите ќе се соочат со строги санкции и можност за затворање.