Скопската градоначалничка Данела Арсовска денеска со полициска придружба и вработени од Градот излезе на терен во Чаир, каде што, како што тврди, се гради масивна зграда без ниту едно законско одобрение. Објектот, висок 12 ката со над 50 станови, е изграден на државно земјиште, без основен градежен проект, без платени комуналии и со низа нелегални приклучоци на струја и вода.
Арсовска, преку објава во живо на социјалните мрежи, алармираше за сериозен урбанистички и безбедносен скандал. Според неа, инвеститорот се обидува да го легализира објектот со лажни документи, тврдејќи дека е изграден уште во 2011 година. Денеска, и покрај тоа што е недела, на терен се вршеле нелегални приклучувања на водоводна и канализациска мрежа, на сам булевар.
Според тврдењата, станарите кои веќе се вселени во дивоградбата реагирале агресивно – им се заканувале на инспекторите и им ги исекле гумите на службените возила.
Арсовска повика на итна реакција од надлежните институции и обвини за молк од страна на локалната самоуправа. Од општина Чаир сè уште нема официјална изјава, но јавноста веќе бурно реагира на објавените снимки и детали од терен.
Видеото можете да го погледнете тука.