ПРВ.мк
Сцена

АРИЈАНА ГРАНДЕ ГО НАПУШТА ЈАВНИОТ ЖИВОТ: Донесе тешка одлука поради постојаните критики за изгледот!

АРИЈАНА ГРАНДЕ ГО НАПУШТА ЈАВНИОТ ЖИВОТ: Донесе тешка одлука поради постојаните критики за изгледот!

Поп-ѕвездата Аријана Гранде одлучи да се повлече од јавноста по завршувањето на својата светска турнеја „Eternal Sunshine“, ставајќи пауза на јавните настапи и дел од професионалните ангажмани. Одлуката, според нејзиниот тим, доаѓа по долг период исполнет со медиумски притисок и постојани коментари за нејзиниот физички изглед и телесна тежина.

Новиот видеоспот за песната „Petal“, водечкиот сингл од нејзиниот осми студиски албум, предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Голем број корисници повторно го коментираа нејзиниот изглед, што отвори нова дебата за тоа до каде оди јавниот интерес, а каде започнува нарушувањето на приватноста.

Ова не е првпат Аријана Гранде да се соочи со вакви коментари. И во минатото јавно зборуваше дека оценувањето на нечие тело може да има сериозни последици и повика луѓето да покажат повеќе емпатија и почит.

По завршувањето на турнејата, чиј последен концерт е закажан за 1 септември во Лондон, пејачката планира целосно да се повлече од јавните појавувања. Воедно, се откажува и од учеството во новата продукција на познатиот мјузикл „Sunday in the Park with George“, каде што требаше да настапува заедно со актерот Џонатан Бејли.

Продуцентската куќа што стои зад проектот потврди дека одлуката е донесена во договор со пејачката и дека ќе биде разгледано кој ќе ја замени во претставата.

На еден од концертите во Чикаго, Аријана емотивно им се обрати на своите обожаватели, објаснувајќи дека ова не е избрзана одлука, туку чекор што долго го планирала за да го заштити своето ментално здравје и личниот мир.

Таа им се заблагодари на фановите за поддршката што ѝ ја давале во текот на целата турнеја, нагласувајќи дека тоа ќе остане едно од најзначајните искуства во нејзиниот живот. Нејзиното обраќање предизвика бројни позитивни реакции, а јавна поддршка ѝ даде и нејзината мајка Џоан Гранде.

Одлуката на Аријана Гранде повторно ја отвори дискусијата за огромниот притисок со кој се соочуваат светските ѕвезди, како и за влијанието што постојаните критики и јавниот надзор можат да го имаат врз нивното ментално здравје.