Јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу, познат на македонската публика по изведбата на македонски песни, ќе настапи на концертот „Јапонско срце бие во македонски ритам“ кој ќе се одржи на 28 јуни во малата сала на Македонската филхармонија со почеток од 20 часот.
На концертот ќе учествуваат и македонската сопранистка Елена Васова, јапонскиот женски хор Tomoni Utao со пијано придружба од Акико Каназава, македонскиот мешан хор Про Арс под диригентство на Сашо Татарчевски, пијанистот Иван Трајковски и јапонската сопранистка Чихиро Суганума.
Котецу ќе изведе македонски народни песни како „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „Македонско девојче“ и „Ако умрам ил’ загинам“, како и други композиции. Публиката ќе има можност да слушне и традиционални јапонски песни.
„Во иднина сакам повеќе да бидам во Македонија, да ја запознавам земјата и нејзините луѓе, и да ја доживеам вашата величествена природа. Му благодарам на мојот долгогодишен пријател Драган Дамјановски, благодарение на чија поддршка се реализира овој концерт за кој долго мечтаев“, изјави Котецу.
Концертот го организира компанијата Термалифт од Куманово.