На претстојниот самит на НАТО во Хаг, Холандија, кој ќе се одржи следната недела, се очекува официјално да се потврди дека Албанија ќе биде домаќин на самитот на Алијансата во 2027 година. Оваа информација ја пренесуваат албанските медиуми, повикувајќи се на нацрт-декларацијата што ќе биде објавена на собирот.
Според нацрт-документот, по самитот во 2026 година што ќе се одржи во Турција, следи состанок во Албанија. Лидерите на НАТО во декларацијата ја потенцираат својата посветеност кон колективната одбрана и планираат да ги зголемат буџетите за одбрана, со цел да достигнат најмалку 5 отсто од БДП до 2032 година. Дополнително, силна е поддршката за Украина, која ќе биде вклучена во овие трошоци.
Албанија, која е членка на НАТО од 2009 година, ќе биде домаќин на својот прв ваков самит. Во март 2024 година во Албанија беше отворена единствената НАТО воздухопловна база на Западен Балкан, лоцирана во Кучово. Поради тоа што НАТО инвестираше околу 50 милиони евра во базата, а албанската влада повеќе од 5 милиони евра, тоа ја зацврсти позицијата на Албанија како стратешки партнер на Алијансата.
Покрај тоа, Албанија е во тек со преговори за изградба на поморска база во Порто Романо, на јадранскиот брег кај Драч, што дополнително ќе ја зајакне нејзината воена и стратешка улога во регионот.