Американскиот Центар за предвидување на вселенското време при NOAA издаде предупредување за умерена геомагнетна бура од категорија G2, која се очекува да ја погоди Земјата во петок, 9 октомври.
Причината е силна соларна ерупција проследена со исфрлање на коронална маса, познато како CME, која се движи во правец на нашата планета.
Сателитските опсерватории забележале дека исфрлениот материјал се шири во форма на таканаречен „halo CME“, што укажува дека честичките се движат кон Земјата.
Според прогнозите, соларната плазма патува со брзина од неколку стотици километри во секунда, а главното влијание врз магнетното поле на Земјата се очекува во текот на петок.
NOAA ги класифицира геомагнетните бури од G1 до G5, при што G1 претставува слаба, а G5 екстремна бура. Нивото G2 се смета за умерено.
При ваков настан можни се осцилации на напонот во електроенергетските системи, особено во северните географски региони. Може да има и зголемено влијание врз трансформаторите.
Кај сателитите во ниска орбита може да се појави зголемен атмосферски отпор, поради што во одредени случаи се потребни корекции на нивните траектории.
Можни се и краткотрајни пречки во високофреквентните радиокомуникации и намалена точност на ГПС сигналите, особено во поларните области.
За населението, според достапните информации, не се очекува директна опасност, бидејќи Земјината атмосфера и магнетосфера обезбедуваат заштита од ваквите соларни честички.
Геомагнетната бура може да донесе и интензивна поларна светлина, која во петок вечер би можела да биде видлива низ Скандинавија, северниот дел на Велика Британија и северните делови на САД.
За аурора да биде видлива и над Балканот или Македонија вообичаено е потребна многу посилна геомагнетна бура, од категорија G4 или G5.
Сепак, доколку магнетното поле на соларниот бран се постави поволно во однос на Земјината магнетосфера, можно е интензитетот на бурата привремено да биде и посилен од првично прогнозираното ниво G2.






