ПРВ.мк
Наука/Технологија

АЛАРМ ОД СВЕТСКАТА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА: Антибиотиците стануваат сè помалку ефикасни, се предвидуваат 39 милиони смртни случаи!

АЛАРМ ОД СВЕТСКАТА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА: Антибиотиците стануваат сè помалку ефикасни, се предвидуваат 39 милиони смртни случаи!

Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека отпорноста на бактериите на антибиотици претставува сè поголема закана за човечкото здравје, а според проценките, во следните 25 години би можела директно да предизвика околу 39 милиони смртни случаи ширум светот.

Жан Пјер Њемази, претставник на СЗО задолжен за антимикробна резистенција, истакнал дека светот не презема доволно мерки за справување со овој сериозен проблем.

Иако земјите членки на СЗО поставиле цел до 2030 година да ја намалат смртноста поврзана со отпорноста на антибиотици за 10 проценти, експертите предупредуваат дека досегашните активности не се доволни.

„Ако антибиотиците престанат да бидат ефикасни, модерната медицина каква што ја познаваме денес повеќе нема да биде можна“, предупредил Кан Имирзалиоглу, директор на Институтот за медицинска микробиологија на Универзитетот „Јустус Либиг“ во Германија.

Според него, тоа би значело враќање во времиња кога дури и навидум безопасни инфекции можеле да го загрозат човечкиот живот.

Еден од најголемите проблеми е прекумерната и неправилна употреба на антибиотици, како кај луѓето, така и во сточарството.

Научниците предупредуваат дека отпорните бактерии не се присутни само во болниците, туку можат да се пронајдат и во отпадните води, почвата, месото и зеленчукот.

Дополнителна опасност претставува фактот што антибиотиците го нарушуваат природниот баланс на бактериите во цревата, овозможувајќи ширење на отпорни микроорганизми.

Експертите потсетуваат дека антибиотиците не делуваат против вируси, поради што не треба да се користат за лекување вирусни инфекции, како настинка и грип.

Од СЗО апелираат до граѓаните да не земаат антибиотици на своја рака, туку исклучиво по препорака на лекар.

Редовната хигиена, вакцинацијата, навремените лекарски прегледи и правилната употреба на лековите се меѓу клучните мерки за спречување на ширењето на отпорните бактерии.