ПРВ.мк
Македонија

САЈБЕР-НАПАД НА МАКЕДОНСКИ УНИВЕРЗИТЕТ: Во тек е целосна санација на дигиталната инфраструктура!

САЈБЕР-НАПАД НА МАКЕДОНСКИ УНИВЕРЗИТЕТ: Во тек е целосна санација на дигиталната инфраструктура!

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во текот на изминатата недела бил мета на сајбер-напад насочен кон неговата дигитална инфраструктура, информираат од универзитетот.

По откривањето на неовластената активност, техничките тимови веднаш реагирале согласно важечките безбедносни протоколи, при што засегнатите системи биле превентивно изолирани за да се спречи евентуално понатамошно ширење на инцидентот.

Настанот бил официјално пријавен до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ), како и до останатите надлежни институции. Во изминатите денови, стручен тим за дигитална форензика и сајбер-безбедност, во координација со информатичките служби на универзитетот и согласно пропишаните стандарди, спровел детална анализа на инцидентот.

Од УГД посочуваат дека во моментов се работи на целосна санација на инфраструктурата, како и на подготовките за безбедно повторно активирање на сите дигитални сервиси.

Во однос на состојбата со податоците и системите, универзитетот потврдува дека резервните копии на сите системи и бази на податоци се валидни, зачувани и во одлична состојба. Тоа, како што наведуваат, овозможува сигурно и контролирано враќање на сервисите во функција.

По завршувањето на форензичката постапка и сите потребни безбедносни проверки, ќе започне постепено и контролирано повторно пуштање во употреба на дигиталните платформи.

Студентите и вработените ќе бидат навремено информирани преку официјалните канали на универзитетот за секој сервис што ќе биде обновен.

Од УГД нагласуваат дека наставниот и административниот процес продолжиле да се одвиваат, со соодветни приспособувања до целосното нормализирање на дигиталните платформи. Студентите и вработените биле известени дека сите потребни потврди и документи можат редовно да ги добиваат во физичка форма на шалтерите на студентските служби, а оваа можност ќе остане достапна до целосното враќање на електронските сервиси.

Од универзитетот им се заблагодаруваат на студентите, наставниот кадар и соработниците за разбирањето, трпението и поддршката во текот на справувањето со инцидентот.

Најнови вести