Речиси 40 отсто од сите случаи на рак дијагностицирани во светот во 2022 година биле поврзани со фактори што можеле да се избегнат, покажува нова глобална анализа објавена во научното списание Nature Medicine. Истражувањето е објавено во пресрет на 4 февруари – Меѓународниот ден за борба против ракот.
Анализата, предводена од Изабел Сориоматарам од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) во Лион, открива дека тутунот, алкохолот и одредени инфекции се најчестите ризик-фактори поврзани со појавата на рак. Според податоците, околу 30 отсто од карциномите кај жените и дури 45 отсто кај мажите можеле да бидат спречени со промени во начинот на живот и подобра превенција.
Од вкупно 18,7 милиони нови случаи на рак регистрирани на глобално ниво во 2022 година, околу седум милиони биле потенцијално спречливи. Истражувачите ги поврзале случаите со ризици за кои постои јасна научна врска, како пушењето, консумирањето алкохол, изложеноста на штетни материи, како и инфекции.
Регионалните разлики се значајни. Во субсахарска Африка, дури 38 отсто од случаите на рак кај жените биле поврзани со спречливи причини, додека во северна Африка и западна Азија тој процент изнесувал околу 25 отсто, при што инфекциите биле водечки фактор. Во Европа, САД, Канада и Австралија, пушењето останува најдоминантниот ризик.
Коавторот на студијата, Андре Илбави од Светската здравствена организација, нагласува дека овие наоди првпат даваат јасен глобален увид во тоа колкав дел од ракот може да се спречи. Според експертите, справувањето со овие фактори е еден од најефикасните начини за намалување на растечкиот товар од рак, кој, според прогнозите на СЗО, може да порасне за дури 50 отсто до 2040 година ако не се преземат соодветни мерки.

















