Сите земји-членки на Европската унија (ЕУ) ќе мора да го воведат системот за влез/излез (ЕЕС) на сите свои гранични премини од 10 април и да ги регистрираат сите државјани на трети земји што ја преминуваат границата, соопшти Европската комисија.
ЕЕС е автоматизиран систем кој ја заменува рачната контрола со ставање печати на пасошите за државјаните кои не се членки на ЕУ и влегуваат во шенген зоната. Системот собира биометриски податоци – отпечатоци од прсти и фотографија од лице – како и лични податоци и датуми на патување, со цел подобрување на граничната безбедност, откривање лица кои го пречекориле дозволениот престој и спречување на кражба на идентитет.
Системот ЕЕС беше делумно воведен во октомври 2025 година, а целосно ќе стане оперативен во април оваа година.
Службениците на Европската комисија истакнуваат дека земјите-членки можат постепено да го воведуваат системот до 9 април, а тој ќе стане целосно оперативен од 10 април. За време на летната „шпиц сезона“ е овозможена дополнителна флексибилност, па постепеното воведување може да се продолжи до септември, доколку е потребно.
Системот ЕЕС ќе се применува на сите лица со биометриски пасоши, без разлика дали им е потребна виза за влез во ЕУ.
Одлуките за враќање и забраните за влез ќе се евидентираат во ЕЕС. Забраната за влез ќе трае до пет години и ќе се одбива влезот на лицето доколку се обиде повторно да ја премине шенген границата. Во одредени случаи, системот предвидува и можност за поништување на пасошот.
Новиот ЕЕС систем е воспоставен за поврзување на базите на сите земји-членки, со цел полесно следење на времето и местото на престој и да се обезбеди дека патниците не престојуваат повеќе од 90 дена во период од шест месеци.
Слични системи веќе се користат во САД, Канада и Австралија.

















