Утринската гужва на градски пазар во источна Украина заврши трагично откако руски сили извршија жесток напад врз градот Дружкивка во Донецката област. Според првичните информации, најмалку седум лица го загубиле животот, а осуммина се повредени, откако пазарот бил директно погоден во момент кога таму имало голем број граѓани.
Нападот се случил рано наутро, кога луѓето купувале храна и се подготвувале за работниот ден. Според украински извори, биле користени касетна муниција и воздушни бомби, што предизвикало хаос, паника и тешки разурнувања во центарот на градот.
Началникот на воената администрација на Донецката област, Вадим Филашкин, соопшти дека ситуацијата сè уште се развива и дека конечниот број на жртви не е потврден. Тој нагласи дека сите итни служби се на терен, им пружаат помош на повредените и се обидуваат да ги санираат последиците од нападот.
Освен пазарот, погодени биле и други делови од градот. Две воздушни бомби, според локалните власти, оштетиле индустриска зона, како и неколку станбени објекти – три згради и три семејни куќи. Материјалната штета е значителна, а жителите се во шок.
Филашкин повторно упати апел до населението да ја напушти областа и да се евакуира во побезбедни региони, предупредувајќи дека опасноста од нови напади сè уште постои.
Дружкивка утрово се разбуди во крв и страв – а светот повторно сведочи за бруталноста на војната.

















