ПРВ.мк
Наука/Технологија

Нова можност за граѓаните: Од телефон директно ќе можат да влијаат врз одлуките во својата општина

Нова можност за граѓаните: Од телефон директно ќе можат да влијаат врз одлуките во својата општина

Дигиталната платформа мЗаедница добива нови функционалности со кои граѓаните ќе можат полесно и директно да учествуваат во донесувањето одлуки на локално ниво.

Преку дигитални анкети, јавни консултации и директна комуникација со општините, граѓаните ќе имаат можност преку мобилен телефон или компјутер да гласаат, да го споделат своето мислење и да предлагаат решенија за прашања што го засегаат нивното секојдневие.

Новите можности им овозможуваат и на општините на едноставен начин да креираат анкети, да организираат јавни консултации и директно да го слушнат ставот на жителите пред носењето одредени локални политики и одлуки.

Платформата мЗаедница веќе е достапна во повеќе општини низ Македонија, меѓу кои Карпош, Аеродром, Крива Паланка, Македонска Каменица, Кочани, Штип, Валандово, Гостивар, Струга, Неготино и Демир Хисар.

Во рамките на проектот „ДИГИЛОК“, посебен фокус бил ставен на проширувањето на платформата во Струга, Демир Хисар и Неготино, како и на поддршка на локалните самоуправи при користењето на новите алатки за консултација со граѓаните.

Од Центарот за социјални иновации Блинк 42-21, кој ја развива платформата, посочуваат дека целта е локалните институции да бидат поотворени и подостапни, а граѓаните да добијат реална можност да влијаат врз одлуките што директно ги засегаат.

„мЗаедница е создадена со цел да им помогне на општините да воспостават поотворена, транспарентна и двонасочна комуникација со граѓаните. Преку дигиталните консултации сакаме учеството да биде поедноставно и подостапно“, велат од Блинк 42-21.

Според податоците што ги посочуваат од организацијата, повеќе општини кои ја користат мЗаедница се вбројуваат и меѓу најотворените и најтранспарентните локални самоуправи во земјата.

Проектот „ДИГИЛОК – Дигитална трансформација на локално ниво: вклучена заедница за отпорност на корупција“ го реализира Блинк 42-21 во соработка со Фондацијата Метаморфозис и Рурална коалиција, со поддршка од програмата Цивика мобилитас и Владата на Швајцарија.

Целта е преку современи дигитални алатки да се зголемат транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните во работата на локалната самоуправа.

мЗаедница е бесплатна и достапна преку мобилна апликација и веб-платформа, со што граѓаните можат во секое време да се информираат, да учествуваат во анкети и консултации и директно да придонесуваат во развојот на својата општина.