ПРВ.мк
Свет

ЕУ удира по евтините пратки од Кина: Од 1 ноември следува уште една нова такса

ЕУ удира по евтините пратки од Кина: Од 1 ноември следува уште една нова такса

Онлајн купувањето евтини производи од Кина дополнително ќе поскапи за потрошувачите во Европската Унија, откако Брисел одлучи да воведе нова такса за обработка на малите пратки што пристигнуваат од земји надвор од Унијата.

Новата давачка треба да почне да се применува најдоцна до 1 ноември 2026 година, а нејзината точна висина дополнително ќе ја утврди Европската комисија.

Таксата ќе ја наплаќаат царинските власти на земјите-членки и треба да помогне во покривањето на сè поголемите трошоци за контрола, проверка и обработка на огромниот број мали пратки што секојдневно влегуваат во ЕУ.

Ова е дополнителна мерка на веќе воведената царинска давачка од 3 евра, која се применува од 1 јули годинава за стоки во пратки со вредност до 150 евра што пристигнуваат од земји надвор од ЕУ.

Таа давачка не се пресметува едноставно по пакет, туку според различните категории производи во пратката. Така, ако во една пратка има производи од три различни царински категории, вкупната давачка може да изнесува 9 евра.

Мерките особено ги погодуваат платформите преку кои во Европа пристигнува огромно количество евтина стока од Кина, меѓу кои „Тему“, „Шејн“ и други глобални онлајн трговци.

Според податоците на Советот на ЕУ, во 2025 година европските царински служби обработиле околу шест милијарди пратки од електронската трговија, а повеќе од 90 проценти од нив пристигнале од Кина.

Европските институции велат дека огромниот раст на ваквите пратки создава значителни трошоци за царинските служби, но и проблеми поврзани со безбедноста на производите, почитувањето на европските стандарди и конкуренцијата со домашните трговци.

Со новите правила, онлајн платформите што продаваат производи од земји надвор од ЕУ ќе имаат и поголема одговорност за царинските формалности и плаќањето на давачките, наместо товарот да паѓа врз крајниот европски купувач.

Советот на ЕУ на 3 септември го одобри конечниот текст од своја страна, додека Европскиот парламент треба да го одобри финалниот текст подоцна во септември, пред неговото потпишување и објавување во Службениот весник на ЕУ.

За македонските купувачи важно е дека овие давачки директно се однесуваат на пратки што влегуваат на територијата на Европската Унија. Тие не значат автоматска нова такса за пратка што од Кина директно пристигнува во Македонија, иако можат индиректно да влијаат врз цените на производи што се испорачуваат преку европски магацини или дистрибутивни центри.