ПРВ.мк
Македонија

Ќе поскапи ли струјата? Мицкоски откри што подготвува Владата

Ќе поскапи ли струјата? Мицкоски откри што подготвува Владата

Владата работи на нова методологија со која ќе се обиде најмалку да ја задржи сегашната цена на електричната енергија, а постои можност струјата за граѓаните и да поевтини.

Ова денеска во Штип го најави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали граѓаните треба да очекуваат зголемување на цената на струјата.

„За струјата, правиме методологија да се обидеме, ако ништо друго, барем да ја задржиме истата цена, а зошто да не и да се обидеме да ја поевтиниме“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, состојбата во енергетскиот сектор во моментов е стабилна и Владата очекува земјата да има стабилно снабдување со електрична енергија во текот на претстојната зима.

Тој посочи дека во тек се подготовки на домашните производни капацитети за грејната сезона и нагласи дека електрична енергија треба да има согласно потребите и на домаќинствата и на бизнисот.

Мицкоски информираше и дека акумулациите во моментов се на ниво од речиси 50 проценти, нагласувајќи дека енергетскиот систем се подготвува за зимскиот период.

Осврнувајќи се и на цените на горивата, премиерот рече дека Македонија во моментов има меѓу најниските цени во регионот и дека продолжува да се применува намалено ниво на акцизата.

Тој додаде дека идните мерки ќе зависат од интензитетот на глобалните економски и енергетски предизвици, при што, како што рече, паралелно мора да се зачуваат макроекономската и фискалната стабилност.

Мицкоски во Штип престојуваше во рамки на работна посета, при што присуствуваше и на пуштањето во употреба на новиот спортско-рекреативен центар „Џексон“.