Бангладеш се соочува со најтешката епидемија на мали сипаници во својата понова историја, а бројот на починати веќе надмина 1.000.
Според најновите податоци на здравствените власти, од средината на март досега се регистрирани 167.580 сомнителни случаи на мали сипаници, додека 19.904 инфекции се лабораториски потврдени.
Бројот на починати достигна 1.002 лица. Од нив, 100 смртни случаи се лабораториски потврдени како поврзани со мали сипаници, додека останатите се водат како сомнителни случаи.
Бангладеш во моментов се соочува со најголемата активна епидемија на мали сипаници во светот, според податоците што ги следат американските Центри за контрола и превенција на болести.
Здравствените експерти како една од главните причини го посочуваат нарушувањето на редовната имунизација во текот на 2024 и 2025 година, како и проблемите со набавката и достапноста на вакцините.
Особено ранливи се малите деца, а голем број од заразените морале да бидат хоспитализирани.
Од почетокот на епидемијата повеќе од 147.000 пациенти со симптоми биле примени во болница, што создава огромен притисок врз здравствениот систем.
Болниците во Дака и во другите делови од земјата се соочуваат со пренатрупаност, недостиг на капацитети и проблеми со медицински материјали.
Бангладеш претходно со години одржуваше висока стапка на вакцинација против мали сипаници, но прекините во програмите за имунизација оставиле голем број деца незаштитени.
Властите заедно со Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и други партнери започнаа итна кампања за вакцинација, но епидемијата и понатаму претставува сериозен здравствен предизвик.
Малите сипаници се меѓу најзаразните вирусни заболувања, но инфекцијата во голема мера може да се спречи со две дози вакцина.







