Немања Брашњовиќ, кому во Белград му се суди како на наводен припадник на таканаречениот „Балкански картел“, бил повреден во Централниот затвор, а деталите за инцидентот биле откриени за време на денешното рочиште пред Специјалниот суд.
Судијата Владимир Месаровиќ во судницата соопштил дека затворската управа го известила судот за повредата и го прашал обвинетиот како се чувствува и што точно се случило.
Брашњовиќ одговорил дека станувало збор за несреќен случај.
„Повредата настана случајно при капење. Пријавена е и санирана. Го повредив малиот прст на раката“, изјавил тој пред судот.
Во меѓувреме, судењето против обвинетите во предметот „Балкански картел“ продолжило со изведување пораки од криптираната апликација „Скај“.
Обвинителството тврди дека комуникацијата се однесува на меѓународен шверц на кокаин од Јужна Америка кон Европа. Во обвинителниот акт групата се товари за шверц на најмалку седум тони кокаин, а на обвинителната клупа се наоѓаат 26 лица.
Дел од денеска презентираните пораки се однесувале на пратка кокаин која во март 2021 година била откриена во хрватското пристаниште Плоче, сокриена во легален товар со банани.
Според обвинителството, учесниците во комуникацијата детално разговарале за транспортот, документацијата, движењето на контејнерите и распределбата на наркотиците.
Пратката запленета во Плоче била проценета на повеќе од 50 милиони евра, а во пораките што ги презентира обвинителството наводно се споменувале и ознаките „Puma“ и „Benny“ на пакетите со дрога.
Обвинителството тврди дека дрогата била сокриена во легален товар кој според документацијата преку Хрватска требало да стигне до компанија во Босна и Херцеговина.
Судењето продолжува, а наводите од комуникацијата и останатите докази допрва треба да бидат оценети од судот.







