Голем број познати апликации, веб-страници и социјални мрежи од утрово престанаа да функционираат поради сериозен дефект во интернет услугите на технолошкиот гигант „Амазон“. Проблемот потекнува од „Amazon Web Services“ (AWS) – една од најголемите облачни платформи во светот, која ја користат илјадници компании за хостирање на своите сервиси.
Според првичните информации, над 5.000 корисници на „Снепчет“ (Snapchat) пријавиле дека апликацијата им се урива или не може да се поврзе со серверите. Слични потешкотии се забележани и кај други платформи, меѓу кои „Дуолинго“ (Duolingo), „Роблокс“ (Roblox), „Канва“ (Canva), „Зум“ (Zoom), „Фортните“ (Fortnite), „Мајфитнеспал“ (MyFitnessPal), „Клеш Ројал“ (Clash Royale) и апликацијата за комуникација „Сигнал“ (Signal).
Од „Амазон веб сервисис“ потврдија дека имаат „зголемени стапки на грешки и доцнења во регионот САД-ИСТОК-1“, што предизвикало глобален ефект. Техничките тимови се ангажирани за откривање на точната причина и враќање на системите во нормална состојба.
Не е познато колку платформи точно се погодени, но според ИТ експертите, ваквите инциденти стануваат сè почести бидејќи огромен број компании се потпираат на еден ист провајдер – што значи дека секој поголем дефект на „Амазон“ може да предизвика синџирна реакција низ целиот интернет.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк