Не постојат научни докази дека МРП вакцината, која штити од мали сипаници, заушки и рубеола, предизвикува аутизам кај децата, порача проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација.
Во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, таа се осврна на една од најраспространетите заблуди поврзани со вакцинацијата.
Грозданова објасни дека сомнежите за наводна поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот потекнуваат од студија објавена во 1998 година од британскиот лекар Ендрју Вејкфилд.
Таа студија подоцна била повлечена поради сериозни научни и етички неправилности.
Во меѓувреме, голем број научни истражувања спроведени во текот на изминатите децении не утврдиле причинско-последична поврзаност меѓу МРП вакцинацијата и аутизмот.
„Научно нема никаков доказ“, истакна Грозданова.
Таа нагласи дека зголемениот број на дијагностицирани случаи на аутизам не може автоматски да се поврзува со вакцинацијата.
Според неа, во последните децении значително се промениле начинот на препознавање, следење и дијагностицирање на аутизмот, додека МРП вакцината се користи долго време.
Грозданова посочи и дека треба јасно да се разликува временското совпаѓање од научно докажаната причинско-последична врска.
Фактот дека одредени развојни карактеристики кај децата стануваат забележливи приближно во периодот кога се примаат вакцините не значи дека самата вакцина е причината за нив.
Претседателката на Комисијата за имунизација порача дека отворената и транспарентна комуникација меѓу здравствените работници и родителите е клучна за надминување на стравовите и недовербата.
Таа ги повика родителите дилемите и прашањата поврзани со вакцинацијата да ги адресираат до релевантни здравствени професионалци, наместо да се потпираат на непроверени информации од интернет и социјалните мрежи.
Научниот консензус останува дека МРП вакцината не предизвикува аутизам, а редовната имунизација обезбедува заштита од мали сипаници, заушки и рубеола.










