Вардар 1961 остана без освоен бод и по третото коло во Лигата на шампионите, откако на домашен терен загуби од Висла Плоцк со 26-32.
Македонскиот шампион имаше неколку периоди во кои успеваше да му се доближи на противникот, но полскиот тим со цврста одбрана и подобра контрола на играта стигна до победата.
За Вардар ова е трет пораз во исто толку натпревари во групната фаза, па „црвено-црните“ остануваат на последното место без бодови.
Најрасположен во македонскиот состав беше Фадуил, кој одигра речиси без грешка и постигна 14 гола од 14 обиди. Малус додаде четири погодоци.
Висла многу подобро го отвори натпреварот и поведе со 0-3, додека Вардар на првиот гол чекаше повеќе од четири минути, кога погоди Малус.
Гостите продолжија со силно темпо и стигнаа до 2-6, по што тренерот Иван Чупиќ побара тајм-аут.
Вардар успеа да се стабилизира и со серија 3-1 да намали на 5-8, но Висла повторно ја засили одбраната и во средината на првото полувреме стигна до шест гола предност – 5-11.
Домашниот тим не се предаде и искористи неколку грешки на Полјаците за да се врати во натпреварот.
Со серија 4-1 Вардар се доближи на 10-13, а Фадуил со два последователни гола дополнително ја врати надежта.
До крајот на полувремето Малус погоди за 13-15 и Вардар замина на пауза со само два гола негатива.
Сепак, почетокот на второто полувреме повторно му припадна на гостинскиот тим.
Висла направи серија 4-1 и се одлепи на 14-19.
Иако Гогов запиша неколку добри интервенции, Вардар не успеа да го искористи периодот за целосно враќање во мечот.
Во 40. минута гостите водеа со 16-21, а по нови грешки на „црвено-црните“ разликата дополнително се зголеми.
Во 49. минута Висла стигна и до највисоки осум гола предност – 19-27.
Вардар се обиде уште еднаш да се врати, особено во период кога имаше двајца ракометари повеќе на теренот, но полскиот состав искусно ја задржа контролата и не дозволи неизвесна завршница.
На крајот Висла Плоцк славеше со 32-26 и ја запиша првата победа во меѓусебните дуели со Вардар.







