Томас Милер откри детали од еден од најголемите трансфери кои можеле да се случат во неговата кариера. Германскиот фудбалер во 2015 година бил на мета на Манчестер Јунајтед, кој во тоа време бил подготвен да плати околу 100 милиони евра за да го доведе во своите редови.
Милер за оваа понуда зборуваше во интервју за „The Late Run Show“, откривајќи дека сериозно размислувал за можноста да го напушти Баерн Минхен. Дополнителна причина поради која трансферот му изгледал особено привлечен било присуството на Луис ван Гал на клупата на англискиот клуб.
Ван Гал претходно му бил тренер на Милер во Баерн, па неговото доаѓање во Манчестер Јунајтед имало големо влијание врз размислувањата на германскиот напаѓач.
„Во 2015 година, Манчестер Јунајтед понуди околу 100 милиони евра. Но, јас имав договор, а Баерн кажа – не“, откри Милер.
Фудбалерот призна дека токму поради својот поранешен тренер размислувал за промена на средината и заминување од Минхен.
„Имав идеја да заминам бидејќи мојот прв тренер Луис ван Гал беше таму“, објасни Милер.
Сепак, на крајот до трансфер не дошло. Баерн Минхен ја одбил понудата на Манчестер Јунајтед и решил да го задржи својот искусен фудбалер.
Од денешна перспектива, Милер смета дека одлуката на германскиот клуб била позитивна и за него. Тој откри дека одбивањето на понудата од околу 100 милиони евра го доживеал и како големо признание од Баерн, бидејќи клубот јасно покажал колку многу го цени и колку важен го смета за тимот.
„Бев и среќен што Баерн кажа не, бидејќи тоа беше големо достигнување што одбија 100 милиони евра. Во суштина, ми кажаа: ‘Ти си нашиот човек’“, раскажа германскиот фудбалер.
Милер на крајот останал во Минхен, а одлуката на Баерн да не го продаде се покажала како значајна за продолжението на неговата кариера. Тој продолжи да го носи дресот на германскиот гигант и со текот на годините прерасна во еден од најпрепознатливите и најзначајните фудбалери во историјата на клубот.








