Доколку земјите-членки на Европската унија (ЕУ) ги поддржат предложените промени во процесот на проширување, пристапувањето кон Унијата би можело да се одвива според поинакви правила. За Македонија, една од најзначајните предложени измени би можела да донесе поголема предвидливост во текот на европските интеграции.
Новата стратегија на Европската комисија (ЕК) за проширување на ЕУ пред европратениците ја претстави Марта Кос, еврокомесарка за проширување. Сепак, за предложената стратегија да започне да се применува, потребно е таа да биде усвоена од Советот на ЕУ.
Клучниот предлог што може да влијае врз Македонија
Една од најважните промени за Македонија се однесува на начинот на кој ќе се носат одлуките во текот на пристапните преговори.
Европската комисија предлага отворањето на преговарачките кластери, како и други меѓучекори во процесот на пристапување, да се одобруваат со квалификувано мнозинство.
Сепак, конечната одлука за приемот на нова земја-членка би продолжила да бара согласност од сите држави-членки. Согласно членот 49 од Договорот за Европската унија, за пристапување е потребна едногласност во Советот на ЕУ, согласност од Европскиот парламент, како и ратификација на пристапниот договор од сите договорни држави, во согласност со нивните уставни процедури.
Предложената промена има за цел, меѓу другото, да се надмине можноста земја-кандидат да биде блокирана во одредени фази од процесот, особено кога причината за тоа се билатерални прашања.
Постепена интеграција уште пред полноправното членство
Во пакетот наречен „Подготовка за поширока Унија“ се предвидува и постепено интегрирање на земјите-кандидати, паралелно со подготовката на институциите, политиките и буџетот на ЕУ за идните проширувања.
На кандидатите би им се отвориле можности за подлабоко поврзување со Унијата во повеќе области, меѓу кои енергетиката, транспортот, дигиталниот сектор и одбраната.
Сепак, нивното учество би зависело од степенот на подготвеност за конкретната политика, како и од нивната стратешка усогласеност со Европската унија.
Предлогот опфаќа и мерки со кои институциите, политиките и буџетот на ЕУ би требало да се подготват за прием на нови членки. Истовремено, се предвидува зајакнување на механизмите за заштита на демократијата и владеењето на правото.
Можно е и ограничување на правото на глас на членки што ги прекршуваат правилата
Европската комисија предлага и посилни заштитни клаузули во идните пристапни договори, кои би се применувале по приемот на новите членки.
Во случај на сериозни прекршувања на основните вредности на ЕУ и принципот на искрена соработка, мерките би можеле да вклучуваат и суспендирање на гласачките права на одредена членка.
Одделно, се предлага и можност нова членка временски ограничено да се обврзе дека нема да блокира идни процеси на проширување поради билатерални спорови.
Четири земји би добиле индикативни патокази
Во пакетот на Европската комисија се најавуваат и индикативни патокази за Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, под услов овие земји да продолжат со реформите и да го задржат досегашниот реформски напредок.
За Македонија, според предлогот, нема да има посебен патоказ.
За земјава останува постојниот услов за започнување на преговорите – уставни измени.
Токму начинот на носење на одлуките во текот на преговорите е една од предложените промени што би можела да има значење за идниот европски пат на Македонија, но конечната одлука за новите правила допрва треба да ја донесат земјите-членки на Европската унија.




