ПРВ.мк
Свет

ФБИ СПРЕЧИ ПЛАНИРАН НАПАД: 18-годишник планирал да убие до 60 луѓе во трговски центар!

ФБИ СПРЕЧИ ПЛАНИРАН НАПАД: 18-годишник планирал да убие до 60 луѓе во трговски центар!

Федералното истражно биро (ФБИ) спречило планиран напад во познатиот трговски центар „Mall of America“ во Минесота, откако речиси две години го следело 18-годишниот Шејхдаун Абдулахи Мохамуд.

Според американските власти, младиот човек планирал напад врз луѓе за време на културен настан, а во рамките на тајна операција од агент на ФБИ купил пушка АК-47 и муниција.

Мохамуд бил уапсен во вторникот во парк во Ричфилд, откако на агентот под прикритие, кој се претставувал како припадник на Исламската држава, му исплатил 600 долари за пушката и дополнителни 200 куршуми.

Според кривичната пријава, Мохамуд од декември 2024 година разменувал пораки со доверлив извор на ФБИ. Во почетокот тој покажал интерес да отпатува во Сомалија и да се приклучи во борбите на страната на милитантната група Ал-Шабаб.

Подоцна, сепак, ја променил намерата и одлучил да планира напад во „Mall of America“, бидејќи немал доволно средства за патување во Сомалија.

Во повеќе наврати преку пораки потврдил дека планира на 24 октомври да нападне и да убива немуслимани во трговскиот центар. Токму за тој ден во „Mall of America“ била најавена културна манифестација на заедницата Хмонг.

Кога бил прашан дали навистина е сериозен во намерата да го изврши нападот, Мохамуд одговорил дека е „100 отсто“ сигурен.

Сојузниот обвинител Даниел Розен изјавил дека агентите успеале навреме да ја откријат заканата и да го спречат планираниот напад. Според него, Мохамуд зборувал дека би можел да убие меѓу 30 и 60 луѓе.

Мохамуд во средата бил изведен пред сојузен суд во Сент Пол. На рочиштето изјавил дека нема работа, дом, автомобил ниту пари на банкарска сметка. Во постапката го застапувала сојузната јавна бранителка Сири Карлсон Мекдауел.

ФБИ го следел уште од 2024 година

Според изјавата на агент на ФБИ, Мохамуд првпат го привлекол вниманието на федералната агенција во декември 2024 година.

До мај 2025 година, агенти на ФБИ дошле во неговиот дом за да разговараат со него. Неговиот татко, сепак, одбил да разговара со агентите и им кажал дека нивните контакти ќе му ги проследи на адвокат.

Сојузниот обвинител Розен воедно ги повикал родителите сериозно да ги сфатат предупредувањата од федералните власти доколку забележат знаци на радикализација кај своите деца.

Во американската сојузна држава Минесота живеат десетици илјади луѓе со сомалиско потекло. Во изминатите години, повеќе поединци од оваа заедница биле обвинети за обиди да се приклучат кон милитантни групи.

Најнови вести