Научници од Бразил тврдат дека отровот на ретка скорпија од амазонската прашума (Brotheas amazonicus) може да биде клучен во борбата против ракот на дојка. Оваа потенцијално револуционерна молекула, наречена „BamazScplp1“, покажала способност да предизвика некроза – процес на умирање на клетките – во малигните ткива, при што клетките буквално пукаат.
Истражувањето е претставено на конференцијата „ФАПЕСП Вик Франс“ и претставува само почеток во долгиот процес на научна потврда. Тимот од Универзитетот во Сао Пауло успеал со помош на гени да создаде синтетички верзии на природните отрови и да ги тестира нивните ефекти врз ракови клетки.
Фармакологот Елијан Кандиани Арантес вели дека се работи за молекула слична на оние во отровите од други видови скорпии, кои веќе покажале антиканцерогено дејство.
Покрај тоа, научниците тестирале и други молекули добиени со слични техники – вклучувајќи и такви што поттикнуваат создавање на нови крвни садови, добиени од змиски отров и говедска крв. Според нив, ваквите откритија докажуваат дека природата сè уште крие огромен потенцијал за медицински пробиви.
Иако е далеку од примена врз луѓе, ова откритие носи надеж и отвара нови насоки во борбата против една од најопасните болести на денешницата.