Литиумот, познат и како „бело злато“, е една од клучните суровини за современата индустрија, а тим руски научници од Краснодар развива нов начин за негово издвојување од вода со помош на специјални мембрани.
Зад истражувањето стои 34-годишниот Дмитриј Бутилски, водечки истражувач на Државниот универзитет во Кубан. Неговиот тим развил технологија која функционира како своевиден „паметен филтер“ и овозможува селективно издвојување на литиумските јони од раствори под влијание на електрична струја.
Според Бутилски, една од главните предности на новиот пристап е намалената потреба од агресивни хемикалии. Тој посочува дека технологијата потенцијално може да се користи и таму каде што традиционалните методи за добивање литиум се прескапи или претставуваат поголем ризик за животната средина.
Методот не е ограничен само на природни води. Истражувачите работат и на можноста за издвојување литиум од искористени батерии, со што металот би можел повторно да се употреби во производството.
Тимот веќе работи со примероци вода од Азовско-Кубанскиот басен, Источен Сибир и регионот Мурманск. Истражувањето добило и меѓународна димензија преку соработка со научници од Чиле.
Проектот привлече внимание и од руските власти. Бутилски добил награда од областа на науката и иновациите, а рускиот претседател Владимир Путин лично му ја доделил. Научникот добил и пет милиони рубли финансиска поддршка, кои, според неговите најави, ќе бидат вложени во понатамошен развој на технологиите за издвојување литиум.
Една од потенцијално најинтересните примени е во нафтената индустрија. При експлоатацијата на нафта се извлекуваат и големи количества солена вода, која најчесто се третира како нуспроизвод. Идејата на научниците е ваквата вода да се пропушта низ специјални мембрани и од неа селективно да се издвојува литиумот.
Во моментов тимот работи на развој на нови селективни процеси и специјализирани мембрани за литиум. Доколку технологијата се покаже ефикасна и економски исплатлива во индустриски размери, би можела да отвори нов начин за добивање на металот кој има големо значење за батериите, електричните возила и современата електроника.










