ПРВ.мк
Македонија

Кој ќе го преземе ОЈО ГОКК? Пет кандидати во трката, Петковска предупредува на системски проблеми

Кој ќе го преземе ОЈО ГОКК? Пет кандидати во трката, Петковска предупредува на системски проблеми

Сериозни слабости во функционирањето на правосудниот систем, проблеми со спроведувањето на законите и недостиг од ресурси се дел од забелешките што Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ ги изнесе во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Говорејќи за борбата против корупцијата и организираниот криминал, Петковска посочи дека отсуството на постапки против одредени политички структури може да отвори прашања во јавноста за тоа дали законите се применуваат еднакво кон сите.

Таа се осврна и на случаи што биле отворени во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а потоа биле запрени. Според неа, особено кога станува збор за сомнежи за корупција, јавноста треба да добие јасно и детално образложение зошто одредена постапка е прекината.

Петковска зборуваше и за претстојниот избор на нов раководител на ОЈО ГОКК. Изборот е закажан за 28 октомври 2026 година, кога јавните обвинители треба непосредно и тајно да гласаат за кандидатите. За функцијата се пријавени петмина обвинители.

Како позитивен чекор, таа го оцени јавното претставување на кандидатите, со што јавноста може подобро да се запознае со нивните професионални ставови и планови.

Осврнувајќи се на досегашната работа на ОЈО ГОКК, Петковска посочи дека врз работата на обвинителството влијаеле и измените на Кривичниот законик, вклучително и оние поврзани со членот 353.

Според неа, сериозната борба против организираниот криминал и корупцијата не зависи само од законските решенија, туку и од тоа дали институциите располагаат со доволно обвинители, стручен кадар и финансиски средства.

Таа предупреди и на долгото траење на истрагите и судските постапки, оценувајќи дека недостигот од ресурси директно влијае врз можноста институциите да обезбедат навремена и ефикасна правда.

Критики Петковска упати и кон функционирањето на Судскиот совет. Според неа, проблемите во правосудството не се поврзани само со содржината на законите, туку и со начинот на кој тие се применуваат во пракса.

Таа посочи дека во три наврати не успеал изборот на нов член на Судскиот совет во Собранието и оцени дека јавноста треба да добие појасни објаснувања за причините поради кои постапките биле прекинувани или материјалите повлекувани.

Петковска додаде и дека Коалицијата „Сите за правично судење“, која со години ги следи судските и обвинителските институции, се соочувала со ограничувања при мониторингот на одредени постапки.

Нејзината оценка е дека без доследна примена на законите, транспарентност и соодветни човечки и финансиски ресурси, тешко може да се очекуваат суштински резултати во реформите на правосудниот систем.