Премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон изнесе предлог за начинот на кој би можеле да се спроведат уставните измени поврзани со европскиот пат на Македонија. Настапот на Мицкоски во Атлантскиот совет на 17 септември е потврден и од самата организација.
Според Мицкоски, уставните измени за внесување на Бугарите би можеле да бидат усвоени веднаш, но со одложено дејство. Тоа би значело тие да стапат во сила дури по завршувањето на пристапните преговори и откако парламентите на земјите членки на ЕУ ќе го ратификуваат пристапниот протокол.
Мицкоски го образложи предлогот како механизам со кој Македонија би добила гаранција дека во текот на преговорите нема да се појават дополнителни услови поврзани со ова прашање.
Премиерот во разговорот се осврна и на долгиот процес на евроинтеграција на земјата, посочувајќи дека Македонија го започнала процесот пред повеќе од две и пол децении и дека во одредени фази се движела паралелно со Хрватска.
Тој порача дека Владата ќе продолжи да бара решение за европскиот пат, но истовремено ќе се фокусира на економскиот развој на државата. Настанот на Атлантскиот совет беше посветен токму на евроатлантската траекторија на Македонија, односите со САД, економијата и патот кон членство во Европската Унија.
Во однос на пораките од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека треба да се спроведе договореното со земјите членки на ЕУ во 2022 година, Мицкоски повторно го критикуваше пристапот на претходната влада кон постигнатиот договор.






