На најсложената делница од автопатот Кичево – Охрид, кај селото Ботун, започна примена на специјална инженерска технологија со која треба да се обезбеди стабилноста на теренот и идниот автопат.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, извршија увид во градежните активности. Според Николоски, токму овој дел претставува еден од најголемите инженерски предизвици поради нестабилната „црна графитна земја“ и присуството на подземни води.
За стабилизација се користат специјални машини тешки над 130 тони, кои работат на длабочина од 20 до 28 метри. Во земјата се поставуваат арматурни кафези тешки околу 30 тони, кои потоа се исполнуваат со бетон и се поврзуваат со цевки и челични јажиња. На тој начин под површината практично се создава масивна бетонска конструкција која треба да ја стабилизира основата на автопатот.
Техничкото решение било подготвено со учество на домашни експерти и професори од Градежниот институт Македонија, меѓународни стручњаци и тимот на „Синохидро“. Методологијата треба да биде применета на вкупно 250 позиции долж автопатот, од кои 163 се во реонот на Ботун, а дел и кај Кнежино.
Според информациите изнесени при увидот, од вкупно 57 километри на автопатот досега се изградени 37 километри, од кои 34 веќе се во функција.
Во следните два месеци е најавено пуштање во употреба на делницата Подвис – Врбјани, заедно со тунелите кај Пресека, долги 2,1 и 1,9 километри. Со тоа, според најавите, во функција би биле вкупно 47 километри од автопатот.
Николоски најави дека, доколку нема екстремни временски услови, очекува целиот автопат Кичево – Охрид да биде завршен и пуштен во употреба во првата половина на 2027 година.
Во однос на реакциите од еколошки здруженија за можни последици врз природата и сливот на Треска, Николоски изјави дека градежните активности на автопатот не се поврзани со изворите на реката.






