Неверојатен пропуст се случил на грчкиот остров Крит, каде две деца на возраст од четири и пет години поминале околу пет часа заклучени во училишен автобус, откако никој не забележал дека не излегле со останатите деца.
Инцидентот се случил во средата, 16 септември, во областа Ханија. Автобусот утрото ги превезувал децата до градинката, а по завршувањето на турата бил паркиран до попладневните часови.
Според информациите од родителите, двете деца седеле на задните седишта и најверојатно заспале. Останатите деца излегле од автобусот, но не била направена проверка дали некој останал внатре.
Случајот бил откриен дури кога мајката на едното дете пристигнала во градинката за да му донесе ручек. Таму ѝ било кажано дека детето воопшто не пристигнало тој ден, по што веднаш започнала потрага.
Возачот се вратил до паркираниот автобус и ги пронашол двете деца внатре.
Според изјавите на родителите за локалните медиуми, децата биле расплакани и исплашени, а по инцидентот не сакале повторно да влезат во автобус. Родителите посочиле дека времето тој ден било посвежо и врнело дожд, нагласувајќи дека при високи температури последиците можеле да бидат многу посериозни.
Компанијата КТЕЛ Ханија–Ретимно го потврдила случајот и соопштила дека придружничката во автобусот била отстранета од работното место. Таа, според компанијата, објаснила дека децата заспале и дека не забележала дека останале во возилото.
Компанијата им се извинила на семејствата, а за случајот била известена и надлежната Дирекција за основно образование во Ханија.







