Триесет и петгодишен жител на скопското село Студеничани починал откако, според првичните информации, најверојатно доживеал струен удар додека миел автомобил со вап-машина.
Од МВР информираат дека случајот бил пријавен на 16 септември околу 11:40 часот во СВР Скопје.
Според полициските информации, Х.Б. (35) од Студеничани дошол во дворот од куќа во селото, сопственост на А.С. (56), каде што зел вап-машина со намера да го измие возилото.
Во еден момент 35-годишникот паднал на земја, а првичните сомневања се дека причината била струен удар.
На местото интервенирала екипа на Итната медицинска помош, која го пренела мажот во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. И покрај укажаната помош, тој починал.
Лекар ја констатирал смртта, а по насоки на јавен обвинител, телото било предадено на обдукција во Судска медицина за да се утврди точната причина за смртта.







