ПРВ.мк
Свет

НЕ СТИВНУВААТ РЕАКЦИИТЕ ПО ПРЕСУДАТА ВО ХАГ: Студенти протестираат во центарот на Приштина

НЕ СТИВНУВААТ РЕАКЦИИТЕ ПО ПРЕСУДАТА ВО ХАГ: Студенти протестираат во центарот на Приштина

Протестите во Приштина против пресудите на Специјализираните совети на Косово во Хаг продолжуваат, а во демонстрациите се вклучија и студенти кои бараат „правда, а не политика“.

Протестите следуваат по првостепената пресуда со која поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца поранешни високи претставници на ОВК беа прогласени за виновни за воени злосторства. Тачи и Јакуп Красниќи добија по 25 години затвор, Кадри Весели 18, а Реџеп Селими 13 години. Сите претходно се изјаснија за невини, а пресудата може да биде обжалена.

Според „Приштина инсајт“, дел од студентите се приклучиле кон новоформираното движење „Не во мое име“, создадено како реакција на формулацијата употребена при изрекувањето на пресудата дека таа се соопштува „во име на народот на Косово“. Демонстрантите извикувале „Сакаме правда, а не политика“.

Заменик-претседателот на Организацијата на ветераните на ОВК, Газменд Сила, најавил иницијатива за формирање „национален координативен совет“, во кој би биле вклучени етнички Албанци од други делови на Балканот и од дијаспората, со цел координирање на протестите.

Тензиите започнаа уште по објавувањето на пресудата во средата. Во Приштина дел од демонстрантите фрлале камења и петарди кон зградата на косовската влада и седиштето на ЕУЛЕКС, додека во Хаг холандската полиција спречила дел од насобраните поддржувачи да се упатат кон судот.

Судијата Чарлс Смит Трети при изрекувањето нагласи дека предметот не се однесува на легитимноста на ОВК како организација, туку на конкретната кривична одговорност на обвинетите.