ПРВ.мк
Наука/Технологија

ГОЛЕМА МИСТЕРИЈА ВО СОНЧЕВИОТ СИСТЕМ: Научниците открија траги што укажуваат на постоење уште една планета

ГОЛЕМА МИСТЕРИЈА ВО СОНЧЕВИОТ СИСТЕМ: Научниците открија траги што укажуваат на постоење уште една планета

Научниците открија нови индиции кои укажуваат дека во далечните предели на Сончевиот систем би можела да постои уште една неоткриена планета, со маса до двапати поголема од онаа на Земјата.

Станува збор за хипотетичка планета наречена „Планета X2“, која би можела да се наоѓа далеку зад Нептун и Кајперовиот појас. Таа се разликува од веќе познатата хипотеза за постоењето на Деветтата планета.

Меѓународен тим астрономи спровел детални компјутерски симулации кои опфаќаат 4,5 милијарди години од развојот на Сончевиот систем. Резултатите покажале дека присуството на дополнителна планета би можело да ги објасни необичните орбити на одредени ледени небесни тела.

Според пресметките, потенцијалната планета би имала маса од една до две Земјини маси, а нејзината орбита би била толку оддалечена што никогаш не би се приближила до Сонцето на помалку од 200 астрономски единици.

Една астрономска единица изнесува приближно 150 милиони километри.

Можно е да постојат две неоткриени планети

Научниците не ја исклучуваат можноста во Сончевиот систем да постојат и Деветтата планета и Планетата X2, бидејќи двете хипотези објаснуваат различни неправилности во движењето на оддалечените небесни тела.

Една од теориите е дека мистериозната планета се формирала поблиску до Сонцето, но под влијание на гравитацијата на гигантските планети била потисната кон надворешните предели на системот.

Големи надежи научниците полагаат во опсерваторијата „Вера К. Рубин“ во Чиле, чиј моќен телескоп би можел да обезбеди дополнителни докази, па дури и директно да ја забележи мистериозната планета.

Сепак, нејзиното постоење засега останува научна хипотеза, а не потврдено откритие.