До еден милион сателити во иднина би можеле да кружат околу Земјата и заедно да формираат огромен центар за обработка на податоци за вештачка интелигенција.
Според хрватскиот јавен сервис ХРТ, американската Федерална комисија за комуникации (FCC) ѝ одобрила на компанијата „SpaceX“ на Илон Маск реализација на амбициозниот проект наречен „Starmind“.
Идејата е да се искористи сончевата енергија во вселената и да се намали оптоварувањето на електроенергетските мрежи на Земјата, предизвикано од растечките потреби на вештачката интелигенција.
Според објавените информации, првиот сателит треба да биде пуштен во употреба најдоцна до ноември 2033 година, додека до 2038 година во орбитата би требало да има 500.000 сателити.
Научниците предупредуваат на сериозни последици
Британското Кралско астрономско друштво предупредува дека илјадници вакви сателити би можеле да бидат видливи со голо око и да светат посилно од многу ѕвезди.
Експертите стравуваат дека реализацијата на проектот во полн обем би можела трајно да го наруши природниот изглед на ноќното небо и значително да ги отежне астрономските истражувања.
Дополнителен предизвик претставуваат ладењето на компјутерските системи во вселената, космичкото зрачење и високите трошоци за реализација.
Во трката за обработка на податоци во вселената се вклучени и „Google“ и „Blue Origin“, компанијата на Џеф Безос.
Сепак, дел од научниците се сомневаат дека проектот на Маск воопшто може да се реализира во најавениот обем.









