Македонија утрово се разбуди во вистинска зимска идила, откако снежните врнежи во текот на ноќта ги побелеа планинските предели, но и повеќе градови низ земјата.
На само неколку дена пред почетокот на декември, Маврово, Лазарополе, Попова Шапка и Водно добија прекрасен зимски изглед.
Според утринските мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, највисока снежна покривка е регистрирана во Маврови Анови.
Висината на снежната покривка изнесува:
- Маврови Анови – 28 сантиметри;
- Крушево – 27 сантиметри;
- Попова Шапка – 18 сантиметри;
- Лазарополе – 15 сантиметри.
Снег има и во Тетово, Куманово, Битола, Берово и Крива Паланка, а зимската атмосфера не го одмина ниту Водно, каде што екипите на зимската служба на Град Скопје биле ангажирани уште во текот на ноќта.
Најниска температура утрово е измерена на Попова Шапка, каде што термометрите покажале минус шест степени.
Следува значително заладување
Снежните врнежи се очекува да престанат во вечерните часови, но од почетокот на следната недела се најавува дополнително намалување на температурите.
Според најавите, во среда утринските температури во одредени делови од Македонија би можеле да се спуштат и до минус 18 степени Целзиусови.
На возачите им се препорачува особена внимателност при движење низ планинските превои поради опасноста од појава на голомразица.









