Екипите на ЈП „Македонија пат“ од утрово се на терен и со целата расположлива механизација активно работат на расчистување на снегот од магистралните и регионалните патишта низ земјава.
Според утринското соопштение на претпријатието, објавено во 8:26 часот, сите патни правци биле проодни, а сообраќајот се одвивал по влажни коловози.
Посебно внимание се посветува на критичните планински превои, каде што се ангажирани дежурни екипи за одржување на безбедноста во сообраќајот.
Од претпријатието информираат дека се обезбедени потребната механизација, работници и количества сол и ризла за справување со зимските временски услови.
Целта е да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот низ целата држава.
Од „Македонија пат“ апелираат до возачите да бидат особено внимателни, да ја приспособат брзината кон условите на коловозот и задолжително да поседуваат зимска опрема.
Поради снежните врнежи и можноста за појава на голомразица, на граѓаните им се препорачува пред тргнување да се информираат за актуелната состојба на патиштата.









